Ако преку фејсбук порака заплашувате некој да не излезе на гласање, очекувајте повик од полицијата

Ако преку порака на фејсбук се заканувате и некого уценувате да не излезе на гласање, очекувајте повик од полицијата, порача министерот за внатрешни Оливер Спасовски.

Според него, Министерството за внатрешни работи има голема улога во организацијата на референдумот. Затоа по примерот од западните земји, ќе се казнува и попречување на туѓото гласање, преку интернет комуникацијата која се повеќе се користи.

„Правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози. Тајноста на гласот е гарантирана. Институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот на 30 септември. Секој граѓанин да гласа по сопствено убедување и сопствена волја. Секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен или санкциониран согласно законите. Ова важи и за активностите на интернет. Секој обид за попречување на остварувањето на правото на глас ќе биде санкционирано“, рече Спасовски.

На веб страницата на МВР може да се пронајде и прирачник за улогата на полицијата во спроведувањето на референдумот. Во него може да се пронајдат основните правила кои важат за еден избирачки процес, како и казните за нивно прекршување.

Ако едно лице гласа за повеќе лица или во туѓо име може да добие казна и до 2250 евра. Или пак, 2000 евра ќе плати оној кој ќе се обиде да ја попречи референдумската кампања.

Во прирачникот никаде не се спомнува попречување на остварувањето на гласачкото право преку интернет комуникации. Ниту пак, колкави се казните за тоа.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ