
Ако има бојкот – попис ќе нема
Ако некои политички партии ги повикаат граѓаните на бојкот, тогаш попис нема да има. Директорот на заводот за статистика Апостол Симовски се надева дека најголемата статистичка операција нема да се злоупотреби за политички цели.
Било кој бојкот ќе значи немање на попис, да се разбереме и последната работа што било кој ја посакува овде во заводот е да се случи такво нешто. Се надевам дека ќе сфатат сите политички субјекти дека овој закон е најмалку во допир со политиката и дека овој закон е исклучително професионален, порача Симовски.
Наредната недела ќе се разговара со ВМРО-ДПМНЕ со цел да се усогласи содржината на Законот за попис. 18 години населението во државата не е преброено поради пропаднатиот попис во 2011 година.
Пожелно е да се донесе што е можно побрзо, затоа што таму ни се дефинира буџетот а ние веќе треба да одиме со набавка на опрема. А мораме да бидеме и сигурни затоа што без закон не може да се одржи попис, вели Симевски.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неопходно да се направи попис без одлагање а во него да биде вклучен механизам за контрола на постојано место на живеење и престој во државата, како и гаранции за автентичност на лични податоци и биометриска потврда на идентитетот на лицата.
Македонија треба да спорведе попис согласно критериумите на Евростат, критериумите на ЕУ и ООН. Значи исто онака како што се спроведува попис во Германија, во Скандинавија, во Шпанија, во било која европска земја, така треба да се спроведе и пописот во Македонија, односно да имаме броење на резидентното население, вели Влатко Ѓочев од ВМРО-ДПМНЕ.
Пробниот попис заврши вчера. Се спроведе во 32 круга во 13 општини во 8 региони. Попишани се 3.839 згради, 4.572 станови, 3.184 домаќинства и 10.267 лица. 1.400 станови се пронајдени празни, додека 30 лица одбиле да бидат попишани. Заводот за статистика го оцени како успешен пилот пописот, а како единствен проблем со кој се соочиле на терен ја посочија содржината на прашањата, кои во иднина ќе се поедностават.
Јулијана Пешевска