
Ако го мине Салцбруг, Шкендија оди на мегдан со Ц. Звезда или Спартак
Шкендија го дозна можниот противник во плеј офот за фудбалската Лига на шампиони. Ако во третото квалификациско коло го мине австриски Салцбург ќе игра против подобриот од двомечот помеѓу Црвена Звезда и Спартак Трнава. Ова е епилогот по денешното извлекување на двојките што беше одржано во Нион.
Тетовци во случај да приредат сензација против ланскиот полуфиналист во Лигата на Европа, на првиот меч со победникот од српско-словачката пресметка би биле гости на 21 или 22 август а на реваншот седум дена подоцна домаќини во Скопје.
За ова да се оствари македонскиот првак најпрвин ќе треба да се справи со Салцбург во четврток кога е закажан првиот меч на гостински терен во Австрија, а потоа и на реваншот на 15 август пред своите навивачи на „Филип Втори“ арената во Скопје.
Ако Шкендија биде елиминирана од Салцбург ќе продолжи да се натпреварува во Лигата на Европа. Во плеј офот пред групната фаза за можен противник ќе го има ирски Корк Сити или норвешкиот првак Розенброг.