Ако до утре не дувне ветер, аерозагадувањето ќе ги мобилизира надлежните

Во Македонија се уште граѓаните дишат отровни честици. Властите инертни, чекаат да видат дали ветер ќе го исчисти воздухот до утре. Ако временските прилики не му се спротивстават на загадувањето – од Министерството за животна средина ќе алармираат да се преземат вонредни мерки. И на почетокот на месецот опасните честици ги надминаа границите на дозволено присуство во воздухот, но ниту тогаш надлежните не преземаа итни мерки.

Минатиот пат беше јасно дека за кратко време ќе дува северен ветер и тоа е композит-одлука која зависи од два фактори, и од податоците на хидрометеоролошкиот завод и од мерните станици и затоа тогаш не се прогласи. Затоа денес имаме надминат праг на информирање и за тоа е информирана јавноста и институциите коишто се задолжени за тоа, вели заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.

Изминатите денови, во воздухот имаше ПМ10 и до шестпати повеќе од дозволеното. Од Министерството за животна средина го измериле загадувањето со помош на мерните станици кои работат и не се расипани, а станиците во Гази Баба и Лисиче се уште се надвор од функција.

За пасивност на надлежните обвинуваат од ДОМ партијата на зелените кои прашуваат дали овие денови кога загадувањето е екстремно не се доволни за итни мерки.

Зарем е малку да има со недели ПМ10 честици од 100 до 400 микрограми на метар кубен во десетина македонски градови? Зарем е битно дали има прекини од 2-3 дена помеѓу екстремите? Ова е вонредна состојба и треба да се преземат конкретни мерки, велат од ДОМ.

Надлежните и понатаму остануваат на вообичаените препораки. Да не се излегува надвор и да се следат инструкциите на здравствените власти за конзумирање повеќе овошје и зеленчук.

Водно е единственото место каде што скопјани можат да видат сончеви зраци. Причина за тоа е маглата измешана со смог којашто го обвива градот во последните неколку денови. Според нивото на ПМ10 честици, Скопје е на листата на најзагадени градови во светот.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ