Академскиот синдикат против избори за нов ректор во услови на криза

Независниот академски синдикат против стартот на процедурата за избор на нов ректор на најголемиот државен универзитет „Кирил и Методиј“ и остри критики околу начинот на кој се спроведува постапката како и одлуките на ректорот Никола Јанкуловски. Оттаму велат дека изборите може да почекаат до септември и нема итност да се спроведуваат во време на вонредна состојба и кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

Според Синдикатот не е јасно како ќе се формира Изборната комисија која треба да го прецизира датумот кога би се бирал нов ректор, законските рокови и како би се спроведувале изборите. Синдикалците сметаат дека кандидатите за ректор нема да имаат доволно време да се претстават пред академската јавност. Тие се повикуваат и на одлуката на Владата  според која мандатот кој истекол во време на Вонредна состојба продолжува се до нејзиното завршување.

Според синдикатот постои висок ризик за злоупотреба на службената должност во постапката за избор на ректор, во ситуација кога Јанкуловски е истовремено ректор, претседавач на Сенатот и кандидат за ректор.

Телма стапи во контакт со ректорот Јанкуловски кој поради професионални обврски на клиниката за абдомен не можеше да даде изјава околу наводите на синдикатот и најави дека со став ќе излезе до крајот на денот.

 

Огнен Чанчаревиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ