Агенцијата за туризам апелира граѓаните слободно да патуваат

Граѓаните во паника од коронавирусот масовно ги откажуваат осмомартовските тури не само во Италија туки и во регионот, туристичките агенции ги бројат штетите и повикуваат институциите да не спијат. А Агенцијата за поддршка на туризмот апелира граѓаните да бидат смирени и слободно да патуваат во земјите каде што нема забрани поради коронавирусот.
Да дадам еден апел до сите граѓани на РСМ да не ја подигаат тензијата на многу повисоко ниво од тоа што е, да се релативизираат слободно да патуваат во рамките на нашата земја и во земјите во кои што ние немаме препорака да не се патува од страна на РСМ и Владата. И да бидат сигурни дека состојбата според мене за брзо ќе се релативизира.- вели Љупчо Јаневски, дирекор на Агенција за поддршка и промоција на туризмот.
Координативно тело ќе ја следи состојбата со коронавирусот и еднаш неделно ќе дава препораки на туристичките агенции. А Министерството за економија пак ќе следи кој е пооштетен -туристичките агенции или граѓаните, па ќе предложат конкретни мерки на Владата.
Ние како ресорно министерство ќе видиме со нашите правни служби ќе видиме кој е повеќе оштетен и ќе најдеме некоја солуција како тоа да го надминеме – вели Шофкет Хазари од Министерството за економија.
Претходно Стопанската комора за туризам ги повика институциите да не спијат и да дадат инструкции како да се менаџира состојбата со коронавирусот. 100-те нивни членки од вкупно над 600 туристички агенции во земјава ги откажале осмомартовските тури за Италија, но стравуваат од паниката кај граѓаните кои се обидуваат да ги откажат и патувањата во регионот.
Ние не можеме како сериозна бизнис заедница во која членуваат 100 компании од туризмот да се раководиме од социјалните мрежи, паушални изјави, прес конференции. Ви кажав има препорака. Препорака во деловниот свет не значи ништо. Значи можете а и не морате, вели Билјана Пејоска Ристеска, Стопанска комора за туризам. 
Бараме бар „Визер“ да ни излезе во пресрет бидејќи и онака зема субвенции од државата. Едната опција е одма да ги поврати средствата за да може веднаш да се вратат на патниците, втората опција да се одложат како агенциите би можеле во иднина да ги искористат, вели  Емил Димитровски, претседател на Стопанска комора за туризам.
Од Комората велат дека поврат на средства има само од Северна Италија, додека Рим не сака да ги врати веќе уплатените средства за хотелско сместување и ако се враќаат тогаш тоа ќе биде на терет на агенциите. А за граѓаните кои ги откажуваат патувањата во соседството порачуваат дека ќе се применат општите услови, што значи дека ако се откажат една недела пред тргнување ќе треба да платат половина од сумата за аранжманот.
Александра Филиповска
Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ