
Агенцијата за млади и спорт издаде збирка поезија со говор на омраза
Агенцијата за млади и спорт ќе го повлече целиот тираж на збирката поезија од проекто „Млади поети“ поради дискриминирачка содржина и говор на омраза во две од објавените песни. Тиражот од 5.000 примероци се уште не целосно дистрибуиран.
Директорот на Агенцијата Дарко Каевски, кој е потпишан и како уредник на збирката вели дека чуствува морална и професионална одговорност, но вината ја префрла на тричлената стручна комисија која ги селектирала песните. Печатењето чинело 150.000 денари за што Каевски рече дека ќе побара од одговорните да ја надоместат штетата.
Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт
По изјавата на Каевски денеска со реакција се огласи членот на стручната Комисија за која тој вели дека вршеле селекција на песните.
Николина Андова Шопова на својот фејсбук профил се огради од спорната книга велејќи дека единствена задача на комисијата била да додели награди за најдобрите три песни, и оти не учествувале во уредувањето на збирката и селектирањето на песните. Андова Шопова во реакцијата наведува дека тричлената комисија не била консултирана околу изборот на песните кои се отпечатени.