Аерозагадувањето подрани – Градот убеден дека прави доволно за справување со проблемот

Аерозагадувањето подрани. Се врати опасноста од канцерогените ПМ 10 честички во воздухот, иако заради топлото граѓаните се уште не ги распалиле печките. Ректорат, Лисиче, Центар – таму мерните инструменти покажуваат највисоки концентрации. Кај Ректорат детектирале присутво на ПМ 10 честички дури пет пати над дозволените граници. Граѓаните се револтирани, а Градот Скопје смета дека прави доволно за намалување на ареозагадувањето. Се пофалија со перманентен инспекциски надзор.

Град Скопје ги следи сите индустриски инсталации кои имаат добиено од Градот Б интегрирана дозвола или усогласен елаборат за заштита на животната средина. Делот од сферата на А интегрираните дозволи се во надлежност на Министерството за животна средина и врз нив контрола врши државниот инспекторат, додека сините занаетчиски објекти, претежно од угостителството се во надлежност на општинските инспекторати за животна средина, велат од Град Скопје.

Градот ја акцентира постапката за презмење на топлификационата мрежа, а и намерата да се вклучи во процесот на гасификација. Една од мерките е субвенционирање печки што помалку загадуваат.

Се пофалија и дека почнале да се справуваат со оние што палат оган на отворено, а паднала и првата казна. Велат, интензивно работат и на мапирање и чистење на дивите депонии. Досега граѓаните пријавиле над 300, а со последниот ребаланс од градскиот буџет за ова ќе бидат потрошени дополнителни 5 милиони денари.

Но, Скопјани не им веруваат на ветувањата. Гневни се на надлежните и убедени дека и оваа година се` ќе се сведе само на препораки.

Аерозагадувањето е една од најболните теми за скопјани. Со опаѓањето на температурите, опасните концетрации на канцерогените ПМ честички стануваат главна окупација. Граѓанските организации се гласни во битката со загадувањето на воздухот, бараат одговори и решенија, а долгорочни мерки предлагаат и здравствените организации. Но, решенијата секоја измината година или доцнат или се пролонгираат за наредната.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ