Адвокатите се надеваат дека Апелација ќе дозволи повторно судење за случајот на Алмир

Бобан Илиќ – шест години затвор, Седат Алиу – 6 месеци, Абдула Алиу и Сами Демири по девет месеци во затвор. Сите се виновни за смртта на малиот Алмир, пресуди кумановскиот суд.

За таткото на детето – жртва е најниска казната, со оглед на тоа дека бил предизвикан да го нападне Бобан Илиќ. Чичковците на Алмир добија повисоки казни бидејќи без причина извршиле насилство.

За Илиќ кој го прегази детето судијката, Маја Денковска рече дека кога мерела колкава казна да изрече, предвид ги земала доказите и вештачењата, но и последиците од делото сообраќајна незгода. За адвокатите на семејството Алиу срамно е што судијата ги осуди и роднините на Алмир во настан во кој тој е жртва. За пресудата на Илиќ сметаат дека е монтирана.

Пресудата не ја слушнаа осудените. Илиќ не беше во судница, а не сакаше да говори ниту неговиот адвокат. Случајот ќе остане запаметен по тоа што започна од бизарна расправија  меѓу Илиќ и таткото на Алмир за ред во здравствениот дом во Куманово. На снимката од безбедносните камери се гледаше како на 25-ти јуни, мерцедесот на Илиќ е нападнат од роднините на детето, по што тој со возилото удира во семејството Алиу.

Ова предизвика протести кои резултираа со кавга меѓу обвинителите во државното обвинителство, но и со оставка на Министерот за правда. Сепак обвинителството не се премисли по втор пат. Сега адвокатите на Алиу се надеваат дека Апелациониот суд ќе дозволи повторно судење. Илиќ пак помина во притвор веќе 22 месеци и тоа се пресметува во неговата казна. Сега се брани од слобода.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ