
Адвокатите Албанци бараат правична застапеност во комората или ќе формираат паралелна
Адвокатите Aлбанци од земјава се заканија. Ќе формираат паралелна Aдвокатска комора ако нема правична застапеност на малцинствата во органите на комората. Не се задоволни од изборот кој се одржа минатиот викенд на кој велат дека само еден адвокат од албанска националност влегол во органите на еснафското здружение. Направиле статистика за тоа колку адвокати учествувале на изборот како делегати, а каква била застапеноста.
Инаку тие не се задоволни ниту од начинот на кој се известени за да присуствуваат на изборот на делегати, ниту пак од рачното пребројување на гласовите. Бараат статутот на комората да се промени за да може п оелектронски пат да се гласа, а известувањето да биде потранспарентно.
Од адвокатската комора велат дека изборот е според законите и актите на комората.
„Постапката беше спроведена на најтранспарентен начин каде секој делегат може да предлага кандидати за членови во управниот одбор, како и во другите тела на комората. Адвокатурата е независна и самостојна служба уредена на тој начин со Уставот и законите во РМ и Комората не орган на државата, ниту на локалната самоуправа“, соопштија од Адвокатската комора на РМ.
Минатиот викенд во Струга се одржа изборот на новиот претседател, управниот и надзорниот одбор на комората и останатите нејзини органи. За претседател е избран поранешниот министер за внатрешни Љубомир Михајловски Џанго додека за негови заменици се адвокатот Бесим Реџепи и Јелена Ристиќ.
По ова, адвокатите на социјалните мрежи негодуваа на начинот на кој се бираат телата, а само Ѕвонко Давидовиќ излезе со конкретен предлог сите членови да гласаат, а не само избрани делегати, за кандидати кои ќе приложат програма. Сега адвокатите од албанска националност јавно побараа промена на статутот за да се надминат проблемите, но и да има правична застапеност.
Билјана Николовска