
Адутите за техничка влада се кријат до 5 до 12
Уште цела недела јавноста нема да знае кој ќе ја предводи техничката влада. Имињата на техничкиот премиер, министрите за внатрешни работи и труд и социјала, повторно се кријат до пет до 12.
Министерката Царовска, која е меѓу фаворитите за технички премиер, ја препушта одлуката на раководството.
Партиски извори тврдат дека Царовска е фаворот на скопското крило, а Оливер Спасовски има поголема поддршка од внатрешноста. Но, можно е и во последен момент да се оди со ново име. И двајцата повторно ќе се најдат и на партиските изборни листи, заедно со Шаќеринска, Дескоска и новата министерка, Ангеловска. Заев најверојатно повторно ќе биде носител во четвртата изборна единица, а од пратениците ќе бидат кандидирани тие што не се вмешани во актуелните скандали.
Адутите ги кријат и од ВМРО-ДПМНЕ. Имињата на техничките министри наводно се знаеле само во тесен круг на раководството. За листите Мицкоски синоќа изјави дека ќе бидат интересен баланс меѓу нови лица и поранешни функционери, но повеќето актуелни пратеници нема повторно да бидат кандидирани.
Извесно е дека ќе бидат кандидирани неговите блиски соработници, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев, Игор Јанушев и Владимир Нелоски, а популарноста на останатите се проверувала со партиски анкети. Меѓу новите лица ќе бидат и професорката Гордана Силјановска-Давкова, како носител на листа и професорката Иванка Василевска како кандидат.
Далиборка Демјанска Цветановска