
Адеми: Сакаме учениците да се вратат на училиште зашто наставата таму нема замена, колку и да се трудиме
Сакаме учениците да се вратат на училиште зашто наставата таму нема замена, колку и да се трудиме. Ќе бидеме подготвени за какво било сценарио, но посакуваме во најнормални услови и околности да се вратиме во училиштата од 1 септември, рече министерот за образование Арбер Адеми во гостување во последната „ТВ Училница“ која од 16 март секој ден претпладне се емитуваше на Македонската радио-телевизија. Адеми посочи дека сите придонеле процесот на онлајн-настава да биде успешен – покрај учениците и наставниците, го цени и ангажманот на родителите.
Денеска, за 270 илјади средношколци и основци, меѓу кои и околу 19 илјади првачиња, завршува учебната 2019/2020 година, првпат во вонредни околности и надвор од училишните клупи кои останаа празни од 11 март поради опасност од ширење на заразата со коронавирусот.
Наставата три месеци се изведуваше од далечина и онлајн, а со владините уредби се овозможи и правна основа е-наставата до крајот на учебната година да се смета за формална. Во изминатите три месеци учениците и наставниците се приспособуваа на онлајн-учење, предвање и испрашување.