Адеми: Невакцинирани првачиња ќе се примаат во училиште, а потоа ќе можат да се вакцинираат

Невакцинирани првачиња ќе се примаат во училиште, а потоа ќе можат да се вакцинираат – најави министерот за образование Арбер Адеми, како одговор на најавите на министерот за здравство дека нема упис на првоодделенците без имунитет против морбили.

„Една од опциите кои се разгледуваат е да се запишат учениците, во меѓувреме да се вакцинираат, или на почетокот на септември да има теренска вакцинација за сите тие ученици кои следат образовен процес, а не се вакцинирани“ кажа Арбер Адеми, министер за образование и наука.

Оваа негова изјава уследи откако и Владата пресече дека нема да бидат запишани децата кои нема да покажат документ за примена вакцина против заразните сипаници. Уписите во основните училишта траат веќе две недели, а ниту едно дете се уште не е одбиено, кажа министерот.

„Дали некое дете е одбиено досега не сме имале таква информација. Но, дали постојат одредени загрижувања кај родителите особено кај тие чии деца не се вакцинирани – да.“ кажа Арбер Адеми, министер за образование и наука.

Во време на епидемија, властите одлучија со теренска вакцинација во училиштата да го зголемат колективниот имунитет. По помалку од еден месец, медицинските тимови веќе не тропаат на вратите на основните училишта.

Од Здравствен дом Скопје потврдија дека извакцинирале само 160 деца, од околу 2200 колку што подлежат на вакцинирање – што е помалку од 8%.

Од Министерството за здравство остануваат на ставот дека првачињата кои немаат имунитет против малите сипаници, не смеат да бидат примени во училиште.

„Невакцинирањето на децата доведе до оваа ситуација. Нема да отстапиме да се примаат само вакцинирани деца“ на 11 мај кажа Венко Филипче, министер за здравство.

Министерствата за здравство и за образование ставовите ќе ги усогласуваат и на седница на Влада, најави министерот Адеми. Ќе разговараат на кој начин да го спроведат Законот за основно образование. Во текстот таму пишува дека основното образование е задолжително, но услов за упис во училиште се примените вакцини.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ