Нова средба на Димитров и Коѕијас на 25 април во Виена

Министрите за надворешни работи на Макеоднија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе одржат нова средба на 25 април во Виена. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски потврди дека ќе има нова средба на шефовите на дипломатиите, но точниот датум се уште не е утврден.

„До крајот на месецот ќе има нова средба, а датумот се уште треба да биде потврден меѓу министрите за надворешни работи. Се уште сме големи оптимисти, како што најавија и премиерот и министерот за надворешни работи на Република Македонија, бараме и очекуваме да најдеме решение што ќе биде достоинствено за сите граѓани“, изјави Бошњаковски.

По Виена, министрите ќе се среќаваат секоја седмица. Димитров и Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид минатиот четврток, ќе се сретнат и на двете конференции во Грција, едната на 3 и 4 мај на регионален самит во Солун, другата една седмица подоцна на 11 и 12 мај во Сунио, на 70 киллометри од Атина каде ќе се разговара за иднината на Европа. Од исходот на овие состаноци ќе зависи и средбата меѓу премиерите, Заев и Ципрас, веќе на ЕУ Самитот во Софија на 17 мај.

Грчките медиуми објавуваат дека многу веројатно е новите разговори да се однесуваат на временскиот период за решавање на спорот за името. Мај е клучниот месец за решавање на спорот за името, се потенцира и од двете страни. По чистата препорака за почеток на пристапни преговори со ЕУ, владее оптимизам дека Македонија ќе добие и датум, како и покана за членство во НАТО на самитот во јули, нешто што го проблематизираше грчкиот министер за надворешни велејќи дека дури и да се најде решение, правната процедура ќе трае подолго и ќе нема време да се затвори прашањето до самитот на НАТО, закажан за 11 и 12 јули во Брисел.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ