
Реалист со искуство-Иванов тврди дека УБК и 5-тата управа се виновни за сите македонски кризи
Реалист со искуство, вака се дефинираше претседателот Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците. Го слушаа и Заев, и Ахмети, и Груевски, во Собранието беше и новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, а на беа и странските дипломати кои останале тука за Божик.
Им кажа дека сите досегашни политички кризи во независна Македонија имаат заеднички именител и генератор во она што го откри Прибе, главен виновник и за последната криза според него е Управата за безбедност и контраразузнавање.
-Жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка. Од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани. Тоа е основа да се сомневаме дека сè уште постои злоупотреба на системот дека сè уште се монтираат случаи и дека сè уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности, рече Иванов на годишното обраќање.
Повика за да се надминат сомнежите, надлежните во МВР-привремено решение да го најдат во целосна примена на актуелниоит закон и издвојување на петтата управа од УБК. Конечното решение според Иванов се реформите, кои досега не ги отстранија забелешките на Прибе и ги водат оние што всушност треба да бидат реформирани како дел од генераторот на кризата.
Иванов од собраниските микрофони кои ги заменија скршените на 27-ми април, кога на истата говорница беа некои кои сега се во притвор- порача дека правдата не смее да се сведе на политички реваншизам и лична одмазда.
-Неопходно е да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и презумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија” обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања, рече Иванов.
Тука ги заработи првите гласни реакции од неколкумина пратеници на мнозинството, кои беа под напад на 27-ми април. За крвавиот четврток, Иванов имаше само една реченица, а за односите со соседите- првин нареди критики, за Албанија поради Тиранската платформа, за Србија поради (се уште недокажаните) наводите за шпионски активности против нивниот дипломатски персонал, за Косово поради наградата за осудените за тероризам и загинатите во Диво Насеље.
Го прифати договорот за добрососедство со Бугарија, но оцени дека не треба да се чепка во минатото, а очекува решение за спорот со името со Грција кое ќе не одведе во НАТО.
-Решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни. Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата. Наредната 2018 година е можност НАТО да ја исправи неправдата од Букурешт. Тоа е историска шанса конечно да го завршиме она што го започнавме пред четврт век, порача Иванов.
Законот за јазиците, за Иванов и натаму значи понуда на нешто неуставно и опасност за унитарноста на државата. Им порача на политичарите првин да се сретнат со експертите и науката, па после да носат решенија.
-Како Претседател во мојот Кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата, истакна Иванов.
И во овој дел од говорот доби, гласни пратенички негодувања.
На крај по отворање на уште неколку теми, како црквата и решение на спорот, долгата и постојана партизација на општеството, лажните вести во новинарството за што доказ му е веста дека тој подготвува воена состојба за 27-ми април иако немал уставни овластувања, економската и друга соработка со цел свет, армијата, Иванов си замина од говорницата. Доби аплауз од левите опозициски пратенички клупи.
Миомир Серафиновиќ