
Нереални финансиски извештаи за СДСМ, ДУИ и ДПА
Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности во финансиските извештаи за 2016 година на СДСМ, ДУИ и ДПА. Партиите не ги прикажале реално податоците за финансиските трансакции. Ревизорот обелоденува дека СДСМ должи милиони по основ на краткорочни и долгорочни обврски за кредити и камати. За да обезбедат финансиски средства за редовно работење на партијата, кредитите ги обезбедиле според рамковен револвинг кредит со деловна банка, склучен во 2011 година.
„По основ на поединечни договори за кредити во 2016 година во сметководствената евиденција, прикажани се состојби на краткорочни обврски во износ од 1.576.000 денари, долгорочни обврски во износ од 43.028.000 денари и трошоци за плаќање на камати и кредити во зинос од 16.765.000 денари“, се вели во извештајот.
Ревизијата констатирала дека за дел од градежните објекти наследени од правниот субјект претходник на партијата, се уште не е решен сопственичкиот статус поради што тие се уште не се воведени кај надлежна агенција и во сметководствената евиденција на партијата. Средствата за членарината од секоја општинска организација се уплатувале дирекно на трансакциската сметка на партијата, со што не бил регулиран начинот на плаќање, уплата и евидентирање како извор на финасирање на политчките партии.
При вршењето на ревзијата кај ДУИ утврдено е дека во својата благајна партијата држеле пари во готово во висина поголема од износот утврден во благајничкиот максимум. За подигнатата готовина нема благајничка евиденија.
„Со извршениот увид во деловните книги на ДУИ и приложената сметководствена документација утврдивме дека за дел од фактурите во износ од 657.000 денари не е приложена соодветна и целосна поткрепувачка документација“, стои во извештајот.
Во однос на финасиското работење на ДПА ревизорот констатирал неповолно благајничко работење, нереално прикажани расходи, нема доказ за уредување на користење на деловниот простор, ниту пак соодветна сметководствена евиденција.
Одговорни лица за финасиските извештаи на партиите се лидерите, односно Заев, Ахмети и Тачи. Извештајот за работењето на ВМРО-ДПМНЕ се уште не е објавен.
Јулијана Пешевска