ММФ со пониска прогноза за растот на земјава, 2,8 отсто

Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата за Македонија. Оваа година Фондот очекува земјава да достигне раст од 2,8 отсто, тоа е нивната најнова проекција објавена денеска во Извештајот за економските изгледи на светската економија, на пролетните средби на ММФ и Светска банка што се одржуваат во Вашингтон. Оваа проекција е пониска од претходната што Фондот ја имаше за земјава, од 3,2 проценти.

За следната, 2019 година, Фондот предвидува дека земјава ќе достигне стапка на раст од 3 проценти, а во 2023 година се очекува економски пораст од 3,5 проценти.

Оваа година земјава ќе оствари стапка на инфлација од 1,8 отсто и таа ќе продолжи да биде стабилна се до 2023 година, кога се очекува да изнесува 2 проценти.

ММФ ја задржа прогнозата за глобалниот економски раст за оваа и следната година на ниво од 3,9 отсто, што ќе биде најбрз раст на светската економија од 2011 година.

Оваа прогноза Фондот ја базира на континуираните силни перформанси во еврозоната, Јапонија, Кина и САД, кои пораснаа над очекувањата минатата година. Се проектираат и краткорочни подобрувања за неколку други пазари и економии во развој, вклучително и закрепнување на извозниците, растот на инвестициите и трговијата.

„И покрај добрата краткорочна вест, долгорочните перспективи се повеќе отрезнувачки. Стареењето на населението, стапките на забавување на работната сила и нискиот раст на продуктивноста најверојатно нема да ги повратат стапките на пораст по глава на жител што ги уживаа пред глобалната финансиска криза“, вели Маурис Обстфел од ММФ.

Проекцијата за економскиот раст на еврозоната за оваа година беше ревидирана нагоре на 2,4 проценти, од 2,2 отсто пред три месеци, додека кинеската економија ќе порасне со стапка од 6,6 проценти оваа година, што е забавување во однос на растот од 6,9 проценти од оваа година. Американската економија, според ММФ, ќе порасне за 2,9 отсто оваа година, повеќе од јануариската прогноза од 2,7 отсто.

Неодамна и Светска банка ја намали прогнозата за земјава, на 2,3 отсто во споредба со претходно очекуваните 3,2 проценти, но светските банкари имаат позитивни прогнози за економскиот раст за блиска иднина. Нивниот став е декас македонската економија почнува да закрепнува во 2018, особено преработувачката индустрија, а очекуваат и дека интеграцијата на земјава во НАТО и ЕУ може да ја зголеми довербата на инвеститорите.

Од Владата во неколку наврати тврдат дека стапката на раст од 3,2 отсто која е проектирана и во буџетот на земјава има големи изгледи да се оствари, што ќе биде поткрепено и со владините мерки за финансиска поддршка на компаниите, па дури и да биде надмината.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ