Никола му пушти „бомба“ на Никола Груевски, а Пешевски не сакал да биде себичен – рочиште за Траекторија

Се слушна и првата „бомба“ за случајот Траекторија и автопатиштата градени со кинески кредити.

Во напната атмосфера, со караници и негодувања, пред крајот на регуларното работно време во судницата беше пуштен разговор меѓу Миле Јанакиески и Бојан Пулејковски. Траеше неполна минута и во него екс министерот Јанкиески го советува соговорникот на кинеска фирма да и постави прашање дали нивната понуда е во соработка со развојната банка на Кина и да не им објаснува многу дали е понудата е добра или не.

Пуштањето на разговорот успеа од втора , затоа што Миле Јанакиески и Никола Груевски, заедно со нивните адвокати гласно негодуваа заради пуштањето бомби бидејќи сметаа дека во нив има и приватни разговори.

Судијата Горан Бошевски пак викаше „Никола пуштај“ и му се обраќаше на судскиот службеник задолжен за техничката опрема. „Бомбата“ почна да се слуша, ама поради караниците никој не можеше да ја чуе. Судијата ги предупредуваше адвокатите и обвинетите соодветно да се однесуваат.

Претходно, СЈО преку обвинителката Лиле Стефанова се откажа од 14 разговори од вкупно 315 бомби понудени како докази бидејќи се оценети како приватни.

Но еден од обвинетите Миле Јанакиески тврдеше дека во бомбите има и разговор за здравствена состојба на неговото дете и дека поради приватниот карактер на бомбите јавноста треба да биде исклучена од рочиштето.

Судијата ги одби сите барања, а Груевски викаше „па судија не може со сила се да се прави, ослободете се од притисок“.

Во Траекторија покрај  Груевски и Јанакиески, обвинети се и Владимир Пешевски и екс директорот на Патишата, Љупчо Георгиевски. Обвинети се дека со злоупотреба при потпишување договор избрале поскапа понуда и ја оштетиле државата за над 155 милиони евра.

Поранешниот вицепремиерот Пешевски на една од кратките паузи имаше кратка конверзација со обвинителката Стефанова во која и викаше дека еден од отфрлените прислушувани разговори-докази оди во негова корист, но не сакал да биде себичен.

Екс-премиерот Груевски и натаму смета дека судиите во судењата во кои е обвинет од СЈО се однесуваат некоректно и политички-пристрасно против  него.

Но запрашан за тековните судски реформи кои ги прифати и ВМРО-ДПМНЕ даде оценка дека требало да се оди подлабоко. Не сакаше многу да коментира како беше за неговото децениско владеење.

-Судските реформи кои се прават се површни, односно нема да имаат некој резултат. Затоа што клучната реформа е во главите на политичарите и во главите на судиите, а тоа е спрегата на политичарите и судиите, рече Никола Груевски.

На прашањето дека и тој како премиер беше критикуван во повеќе извештаи за политичка спрега и притисок врз судството, Груевски вели дека судството во моментот е на дно какво што не било.

Иако бурно, денешното рочиште заврши тивко, а наредното рочиште е закажано за 23-ти мај.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ