
Стоп за групна депортација и регистрирање на мигрантите побара Хелсиншкиот комитет
Измачување, заробување, понижување и деградирање на мигрантите констатирал хелсиншкиот комитет, работејќи на терен во 2017-та година. Ова го нотирал и во годишниот извештај за правата на мигрантите, во кој истакнува дека лани организирано се ширел говор на омраза, што резултирало со зголемување на омразата меѓу граѓаните кон бегалците.
Поради низата нарушувања на правата на мигрантите хелсиншки препорачува државата во најкус можен рок да изработи национална стратегија и да ја спроведува, да создаде систем за регистрирање и да престане со групна депортација.
Ако се спореди со 2016-та, 2017-та е со помал бројот на мигранти кои транзитирале низ земјава, но од хелсиншки посочуваат дека кризата не е завршена. Според податоците во земјава има околу 200 бегалци кои се во центрите, но голем е бројот на оние кои се движат по нелегални патишта.
Според министерката за одбрана Шекеринска можно е по нападите од САД во Сирија да има нов бран, познавачите пак велат дека тоа не би влијаело премногу, бидејќи Сирија одамна е опустошена, а овој период од годината секогаш е поповолен за бегалците.
Билјана Николовска