
Нови рочишта за „ТНТ“, „Транспортер“ и „Тендери“
Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на специјалното јавно обвинителство „ТНТ“, „Транспортер“ и „Тендери“.
Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, а во него обвинети се поранешните функционери Груевски и Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.
Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра. Цаноски и фирмата „Фимет“ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.
На обвинителна клупа денеска треба да седне и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, која е првообвинета во случајот „Тендери“, кој се однесува на изведување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје.
Судењето ќе продолжи со сослушување на аудио снимки кои се доказ во постапката.
Второ и трето обвинетите во овој случај биле членови на комисијата за јавни набавки.
Ново рочиште треба да се одржи и за случајот „Транспортер“ во кој се обвинети поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.