Прислушуваните разговори за Поткуп се слушаа без присуство на јавноста

Зад затворени врати, премиерот Зоран Заев во својство на обвинет за случајот Поткуп почна да ги слуша неговите прислушувани телефонски разговори и следените комуникации, кои обвинителството ги предложи како докази.

Презентирањето на тие докази ќе продолжи во понеделник и ќе трае додека не заврши, рекоа адвокатите во случајот. Заев пак истакна дека смета како нема никакви докази за делото за кое се товари, а во судница неговата одбрана побара сведочењето на сведокот Иван Николов-Сачевалиев да не биде разгледувано при носењето на пресудата бидејќи сведокот во истрагата имал улога на агент-провокатор, што според нив не е дозволено согласно законот за кривична постапка.

Процесот за Поткуп стигна до презентирање на доказите, меѓу кои и оние прибавени со посебни истражни мерки. Заев вели дека бил две години прислушуван и следен, некогаш и без судска одлука, и дека според податоците кои ги имал за време на објавување на таканаречените бомби-открил дека има над 10 илјади негови прислушувани телефонски комуникации. Смета дека и во посебните истражни мерки во Поткуп нема никаков доказ за сторено кривично дело за кое се товари и дека следените комуникации се всушност дел од неговите секојдневни активности како градоначалник на Струмица.

Одбраната во судница побара судијата да не ги прифаќа и предложените писмени докази, кои се решенија, одлуки, уплатници и барања за откуп на државно земјиште затоа што тие според нив не се релевантни за делото од обвинителниот акт. Заев е обвинет дека барал поткуп во висина од двесте илјади евра за да забрза постапка за откуп на државен имот. Минатото рочиште сведочеше оштетениот и сведокот Николов, за кој одбраната смета дека е агент провокатор.

Тогаш беше објаснето како го наведувал Заев да зборува на темата и како полицајците му ја местеле камерата со која го снима актуелниот премиер во рамки на истрагата. Токму видеото, кое исечено беше објавено во март 2015-та е еден од клучните докази, Заев побара јавноста да го види целосно за да се увиди дека станува збор за монтажа на случај, а одлуката дали јавноста ќе ја види таа снимка но целосно, а не само парчиња од неа- треба да ја донесе скопскиот Апелационен суд.

Истрагата и видео снимките се правени на крајот на 2013-та, а случајот е отворен година и пол подоцна кога почна објавувањето на таканаречените бомби.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ