
Почна средбата Димитров – Коѕијас во Охрид
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас претпладнево во владината вила во Охрид ја почнаа новата рунда разговори за надминување на проблемот околу името.
Се очекува напладне по средбата, двајцата министри да дадат изјави за медиумите.
„Се надевам на прогрес и мислам дека однесувањето на Грција и Македонија во однос на процесот, сигнализира дека процесот е во деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори“, изјави Димитров пред средбата со Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија, пак, вчера за Телма само кратко рече дека на убави места се случуваат убави работи, без да даде повеќе детали.
Опсегот на употреба на името, односно грчкото барање за ерга омнес и ревизија на македонскиот Устав се неопходните предуслови што ги бара Атина за постигнување решение, додека пак за Скопје јазикот и идентитетот се критичните точки.