
Каде се пратениците да го изберат новиот државен обвинител?
Во собраниската пленарна сала имаше 65 присутни пратеници, но гласаа само 60 за избор на нов државен обвинител за што е предложен Љубомир Јовевски.
Претходно имаше уште еден обид за избор на Јовевски. Гласаа 60, 59 беа „за“, еден воздржан, а на дисплејот во Собранието стоеше дека има 65 пратеници присутни на седницата. Тогаш претседателот на Собранието Талат Џафери побара од службите да пребројат дали има 61 пратеник во салата. Следуваше и второ гласање, но повтроно немаше 61 пратеник во салата по што Џафери даде пауза во која координаторите треба да ги најдат сите пратеници кои ја ставиле својата картичка дека се присутни на расправата.
На седницата не се присутни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои по приведувањето на колегите-осомничени за упадот во Собранието на 27-ми април не доаѓаат на седници и на комисии. Репортерката на Телма, Далиборка Демјанска Цветановска од Собранието јавува дека на седницата не се присутни ниту пратениците на Алијансата за Албанците и нивниот лидер Зијадин Села.
Кандидат за нов државен јавен обвинител Љубомир Јовевски, досегашен член на Советот на јавни обвинители и поранешен обвинител во Државното обвинителство. За избор на државен јавен обвинител е потребно просто мнозинство,односно најмалку 61 пратеник да гласаат „за“ избор.