
Љубе Бошковски и официјално советник на Заев за странски инвестиции
Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошковски и официјално влезе во кабинетот на премиерот Заев како посебен советник за странски инвестиции. Од владата велат дека од сите пријавени на огласот за посебни советници во кој се бараше диплома од правните науки, активно познавање на англиски јазик и 5 години искуство во струката, Бошковски бил единствениот кој ги исполнил сите услови. Неговата плата ќе изнесува 50 000 денари.
На огласот што Владата го објави во март се бараа уште 4 посебни советници на премиерот.Од денеска на функција стапуваат и Фидан Колев како посебен советник за транспорт и врски кој доаѓа од местото советник за младинска политика во СДММ. В.д. претседателот на Алијансата за позитивна Македонија, Рубин Земон, ќе биде посебен советник за мултикултурно општество, поранешниот извршен директор на Комората на северозападна Македонија Фатмир Битиќи како посебен советник за спроведување на Рамковниот договор, и Ѓорѓи Тасев советник за млади и спорт.
Позицијата посебен советник е врзана со мандатот на премиерот односно трае до истекот на неговиот мандат.