
Условна казна за нелегално поседување оружје за дедото на Тамара
Љупчо Стојановски дедото на малата Тамара призна вина, дека незаконски го поседувал оружјето кое го вперил кон ексминистерот за здравство Никола Тодоров и доби условна осуда 2 години затвор, кои нема да ги одлежи доколку 5 години не стори кривично дело. Но за кривичното дело убиство во обид, за кое исто така го товари обвинителството рече дека не се чувствува виновен, поради што предметот беше издвоен и започна судење. Тодоров во својство на оштетен раскажа како на 1 јуни минатата година, додека се исачувал по скалите на Министерството за здравство, за да изврши примопредавање на функцијата го забележал Стојановски. Не го познавал од претходно, но како што рече „нешто во неговиот поглед ми кажа дека сака да ме нападне“.
„Во левата рака држеше цигара а десната во џеб. Кога дојдов до последната скала обвинетиот ми се доближии, го впреи пиштолот на раздалеченост од 30 сантиметри од мојата глава и испука без предупредување. Се наведнав ги поткренав рацете и поминав под неговата рака. Помислив дека сум повреден бидејки чувствував жештина на челото“, сведочеше Тодоров.
По ова, како што раскажа истрчал во министерството а зад себе слушнал уште еден истрел. Го прегледале и констатирале дека не е повреден. Додека раскажуваше Тодоров, Стојановски не го погледнуваше, на прашањето на судијката дали ќе го искористи правото да му постави прашање, дедото на Тамара отсечно одговори – „Не сакам ни да го гледам, ниту да го прашувам“. Солзи му потекоа додека неговата адвокатка даваше воведен збор и ја споменуваше неговата внука и голготата што ја поминало семјество. Одбраната ќе докажува дека Стојановски не пукал кон Тодоров, ниту сакал да го убие, туку да го заплаши, а како доказ го наведува тоа што кај него не се пронајдени бауртни честички.
Сведочеа и двајца членови на обезбедувањето на Тодоров и неговиот возач.
Елена Ивановска Мукоска