Помалку часови за основците

Најмногу по четири часа дневно ќе имаат децата од прво до трето одделение. На овој начин ќе се намали досегашниот број од 23 часа неделно на учениците од прво и второ одделение, односно 26 на третотооделенците. Се намалува и максималниот број на часови на учениците од четврто до шесто, кој нема да биде поголем од 25 наставни часа неделно. Седмо, осмо и деветто оделение ќе имаат најмногу 30 часа.

Децата веќе нема да одат на училиште во сабота бидејќи новиот закон ќе предвиди наставата да се остварува од 175 дена до 180, а не најмалку 180 како што беше досега. Ќе биде намален неделниот фонд часови на наставниците и тоа од 18 до 23 наставни часови.

Според претседателот на СОНК, добро е што ќе бидат растоварени децата од инаку преголемиот број часови, но треба да се внимава на сигурноста на работните места на предметните наставници, и покрај како што вели, предвидените дополнителни ангажмани.

Законот предвидува и намалување на бројот на ученици во паралелките, и тоа од досегашниот минимален број од 24 деца, на 20. Бројот на ученици со посебни образовни потреби во општинските училишта нема да може да биде повеќе од две деца во едно оддление. Училиштето ќе треба да им обезбеди лични асистенти кои ќе ги плаќа државата. Вработените во училиштето кое со надворешна евалуација биде прогласено за најдобро рангирано, ќе примаат додаток на плата во износ од 30% во наредните 12 месеци. Предлог текстот ќе биде еден месец на јавна расправа, а целта е да биде донесен пред почетокот на новата учебна година.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ