Пратениците утре ќе расправаат за доверба на владата

Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 11 часот ја закажа седницата за доверба на владата, побарана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери за четврток, пак, ги одложи продолженијата на три седници, што беа планирани за денеска, а на кои како останати точки од дневниот ред се реформските закони.

Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка, а дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка ќе се најдат пред пратениците на седница во четврток..

Во четврток се очекува да биде закажана уште една седница на која ќе се гласаат и законите за следење на комуникациите, што денеска треба да поминат на комисијата за одбрана и безбедност.

На продолженијата на седниците во четврток се очекува да присуствуваат и пратениците од опозициската партија, кои најавија дека ќе учествуваат во работата на Собранието по седницата за интерпелација на владата.

Реформските закони, кои се усогласени и со опозицијата, треба да бидат донесени до крајот на неделата, пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на земјата на 17 април.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ