Инфраструктурните проекти во Општина Тетово не се реализираат

Започнато недовршено, ветено неостварено. Речиси сите инфраструктурни проекти на Општина Тетово тапкаат во место. Градските власти најавија дека ќе започнат со градежни активности со доаѓањето на пролетта, но на терен ништо не се случува.

Мостот на река Пена кај полицијата престана да се гради откако завршија изборите. Нема никакви активности и околу пробивањето на булаварите Индустриска и Благоја Тоска, голем број од улиците не се довршени, а најпрометните коловози оштетени од мразот и студот изминатата зима, не се санираат.

Најзапоставена е месната заедница Борис Кидрич во Тетово, каде пешаците не можат ниту да се движат по тротоарите, кои се целосно руинирани и узурпирани од тезги и перални за коли.

Од Општина Тетово и овој пат ветија дека ќе ги завршат проектите

Но, реализирањето на неколку проекти го вратија неколку чекори назад. Лани најавија дека пролетва ќе се започне со реконструкција на тротоарот Борис Кидрич, но сега изјавија дека за оваа јавна површина заедно со коловозот претходно треба да се изработи проект.

Пред неколку месеци општинарите ветија дека годинава во месец март или април ќе се пробива булеварот Индустриска, но нивниот план се промени. Велат дека за реализирање на овој проект треба претходно да се изврши екпропријација на земјиштето.

Реализацијата на горенавадените проекти би придонеле за ублажување на сообраќајниот и урбаниот хаос во Тетово, кој од година вгодина е се поголем.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ