
Реформските закони неделава пред пратениците
Независноста на судството се поткопува со закони чија цел е контролирање на судиите смета претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, според кого критериумите за разрешување на судија се апстрактни и непрецизни, и во минатото се воделе нарачани постапки против судии со цел да се заплашат.
Џолев предлага Здружението на судии преку Советот за етика да биде инволвирано во постапката за разрешување и да не дозволи да поминуваат тенденциозни и неосновани претставки против судии. Според првиот човек на Кривичен и оценувањето на судиите се користело како алатка за контролирање на судиите и се сведувало на математичка операција на собирање на бодови.
Овие забелешки Џолев ги искажа на Конференција за независност на судството, а ги повторил и во Советот за следење на правосудните реформи предводен од премиерот. Доаѓаат во пресрет на измените на законот за судови што се во собраниска процедура, а се однесуваат токму на дефинирање на дисциплинските постапки и оценувањето на судиите.
Следната недела е закажана и јавна расправа за овој законот во Комисијата за политички систем. За Законот за судови потребно е двотретинско мнозинство и од Правда изразија очекување дека и опозицијата ќе го поддржи.
По велигденските празници, почнувајки од утре, на собраниската агенда се повеќе реформски закони. Освен Законот за судови се и законите за јавно обвинителство, за кривична постапка, но и измените на Законот за сведоци. Во комисија за безбедност се законите за следење на комуникациите.
Елена Ивановска Мукоска