Владата не успеа да го востанови долгонајавуваниот принцип на индивидуална одговорност

Владата нема направено ништо во делот на сузбивање на корупцијата, која е една од препораките на Прибе и дел од планот 3-6-9. Тешко дека ќе може да се направи нешто во пресрет на извештајот на Европската комисија, затоа што наместо напред, ние отидовме назад и сме најкорумпирана држава во Европа, вели претседателката на Транспаренси Интернешнeл Слаѓана Тасева. Корупцијата најмногу е присутна во судството, администрацијата и економските институции. Системот на „заробена држава“ се уште опстојува а одговорните за корупција и натаму се заштитени и недопирливи. Наспроти правото, владеат интереси. Владата не успеа да го востанови долгонајавуваниот принцип на индивидуална одговорност.

Според Тасева, Владата треба да излезе од состојбата дека таа треба да одлучува за се, јавните набавки да не се вршат во четири очи и да се стави крај на партиските вработувања и наместените огласи за некомпетентни и нестручни кадри. Нема ниту ефективни судски пресуди за криминал и корупција.

Во последниот извештај на Трансперенси Интернешнл за перцепција на корупцијата Македонија е на дното во Европа и бележи пад од 41 место за две години. Познавачите на оваа област посочуваат дека за да се намали корупцијата неопходни се кадровски промени во органите задолжени за превенција и сузбивање и засилени кампањи за подигнување на јавната свест на граѓаните.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ