Барањето за недоверба на Владата доставено до Собрание

Барањето за гласање недоверба на владата влезе во Собранието, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во собраниските клупи во среда. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, потврди дека попладнево ја доставиле иницијативата, која ќе ја објават во текот на утрешниот ден. На 6 до 7 страници ги образложиле генералните критики за владините политики изминатите 10 месеци. Подробно за забелешките, лидерот на партијата Мицковски најави дека ќе аргументираат на собраниска седница, која според деловникот треба да биде закажан за в среда, односно третиот ден од поднесувањето на прашањето за доверба на владата.

Криминал, корупција, критики за економијата и надворешната политика, се дел од причините со кои Мицковски минатата недела најави интерпелацијата на владата и враќање по повеќе месечниот бојкот на Собранието.

Во интервјуто за МИА, премиерот Зоран Заев говори и за враќањето на опозицијата во парламентот и вели редно е да се разбуди опозицијата.

„Ако опозицијата е во Парламентот, ако опозицијата е силна и разбудена, нема зијан од тоа, опозицијата може да ја направи само подобра власта. Од тоа ќе добијат граѓаните. Во моментот, водиме со некои шест-седум процентни поени. Веројатно, новото раководство во ВМРО-ДПМНЕ тешко се снаоѓа, веројатно имаме испорачано резултати.“

За изгласување на недоверба на владата потребни се 61 партеник, што за да се случи според моменталниот распоред на силите во Собранието потребно е да гласаат и други пратеници освен оние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ