Kривичнa пријавa за 12 лица за престрелката во Мала Речица

Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 12 лица за сторено дело убиство и соучесништво, по оружената престрелка во Мача Речица, во која беше убиено едно лице, а две се ранети. На 10 од нив одредена им е мерка притвор од 30 дена, едно лице е на болничко лекување, по еден учесник се уште се трага.

Вчера беа приведени уште шест лица кои учествувале во инцидентот, дел се приведени од полицијата, а некои сами се предале.

Пред да се случи вооружената престрелка на една од улиците во Мала Речица оддалечена на околу 300 метри од седиштето на ДУИ, меѓу учесниците, двете таканаречени кумановски крила на ДУИ, едната приврзаници на Назим Беќири, а другата на Фариз Дервиши претходела расправија на состанок во седиштето на партијата во Мала Речица.

Групите постигнале договор за одредена тема за која биле дојдени во ДУИ, но на излегување пак се скарале, при што надвор започнала тепачка, која преминала во вооружена престрелка, во која е убиен Наип Реџепи од групата на Дервиши. Убиениот според неофицијални информации бил амнестиран од петгодишна затворска казна и неодамна излегол од затвор.

Меѓу двете групи учесници во тепачката нетрпеливоста постоела оддамна, но за време на локалните избори излегла на виделина откако биле креирани советничките листи за Општина Куманово.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ