
Заев најавува реконструкција, ВМРО – ДПМНЕ интерпелација
Премиерот Заев најавува реконструкција, ВМРО – ДПМНЕ интерпелација за Владата. Барањето за гласање доверба опозициската партија ќе го поднесе во недела. Очекуваат собранискиот спикер Џафери да ја закаже седницата во среда . Ова ќе значи и враќање на ВМРО – ДПМНЕ во парламентарните клупи.
Како причини за интерпелацијата го наведуваат фактот што 10 месеци по доаѓањето на СДСМ на власт, граѓаните не виделе ништо освен криминал, корупција, неспособност, расипништво , задолжување на државата, немање странски инвестиции.
И додека идната недела во Парламентот ќе се дебатира за работењето на Владата, премиерот Заев интензивно води преговори за зголемување на парламентарното мнозинство. Очекува реконструкцијата на Владата да заврши до крајот на април. Се водат разговори со двете крила на БЕСА, со ДПА и Демократската партија на турците.
Заев вели дека се разговара за одредени кадри, затоа и не излегува со ново решение за министер за правда. Покрај смената на некои министри ќе има промени и во неколку јавни и државни претпријатија.
Јулијана Пешевска