
Обвинителството ќе истражува дали има криминал во купувањето на зградата на МЕПСО
Основното јавно обвинителство ќе истражува зошто Македонскиот преносен опаратор – МЕПСО во 2012 година купил имот по цена повисока за дури 1,1 милиони евра од онаа која му била понудена една година претходно, но тогаш компанијата ја одбила понудата. Станува збор за зградата во која се наоѓа седиштето на МЕПСО во центарот на Скопје, сега преоблечена во барокно руво. Овие индикативни наоди за незаконски дејства ги откриле државните ревизори и ги навеле во нивниот Извештај за 2016, кој вчера го усвоила Владата и одлучила да го испрати до Обвинителството. Тоа треба да провери дали има криминал и доколку е така, да започне соодветна постапка.
„Во 2011 година МЕПСО добива понуда да откупи имот од вкупно .2178 метри квадратни, по цена од 3,7 милиони евра. МЕСПСО ја одбива оваа понуда. Две години подоцна, истата оваа површина, истиот имот, друго правно лице, го продава на МЕПСО за цена од 4,8 милиони евра“, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Според сознанијата на Телма, кога МЕПСО во 2012 ја купил зградата, во неа имало плус гаражи и помошни простории кои не биле застапени во првичната понуда, па затоа и цената е повисока, но клучниот проблем бил што и за нив се платила истата цена, по 1.750 евра за метар квадратен, како и за деловниот простор.
Во периодот од октомври 2012 до октомври 2016 година со МЕПСО директоруваше Синиша Спасов. Телма телефонски контактираше со Спасов, тој кусо ни објасни дека според него, се што било направено во во врска со купувањето на зградата, било во согласност со позитивната законска регулатива во земјава. Додава дека се што требало да каже, веќе е наведено во забелешките на Ревизорскиот извештај, кои се објавени заедно со него.
МЕПСО е компанија во целосна државна сопственос. Новото раководство вели дека и тие ги воочиле пропустите.
„Управниот одбор на МЕПСО го доби и разгледа извештајот на ДЗР и ги воочи пропустите наведени во наодите на инспекторите. МЕПСО во целост ќе ги следи насоките на акционерот, т.е. Владата“, ни изјавија од МЕПСО.
Втората работа која била индикативна во ревизорскиот извештај се однесува уште од времето на одвојувањето на МЕПСО од тогашното ЕСМ, во 2005 година, кога дел од мрежата – далекуводи, трафостаници и слично, кои се во сопственост на МЕПСО, не биле впишани во катастарот како имот на компанијата, а овие објекти ЕВН ги има издадено под закуп и за нив има земено хипотекарен кредит, велат од Владата. Ревизорите навеле дека оваа ситуација мора да се расчисти, бидејќи овој имот е во сопственост на МЕПСО, односно државата.
Ревизорскиот извештај утврди и бројни пропусти при изведбата на барокната фасада на компанијата, како и прекршување на неколку закони.
Нина Нинеска-Фиданоска