ВМРО – ДПМНЕ влегува во Влада 100 дена пред парламентарните избори

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ ќе направат широка владина коалиција 100 дена пред наредните предвремени парламентарни избори. Изборите ќе ги спроведе преодна Влада, најави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Ваквото предизборно решение не е новина. Четирите најголеми партии го договорија во Пржино и во ноември 2015-та го вградија како системско во Законот за Влада. Прашање е дали ќе остане или ќе се ревидира низ дијалогот меѓу власта и опозицијата. Од владеачката СДСМ велат дека конечниот изглед на изборната регулатива ќе зависи од целокупниот договор со ВМРО ДПМНЕ во сите седум работни групи. Се чини дека оваа група е најдалеку од договор. Не се сретнала цел месец, а не се усогласила и дали ќе има промена на изборниот модел, дали ќе се гласа во една изборна единица, колкав би бил изборниот праг и друго, а има разбирање за барањето претседателот на ДИК да го предлага најголемата опозициска партија. Иако опозицијата споменува предвремени избори, премиерот Заев вели дека сега поважни прашања се реформите, разговорите со Грција, очекуваната покана од НАТО и датумот за преговори со ЕУ.

Пред владината реконструкција и проширување што се очекува овој месец, Заев прво треба да ја помине интерпелацијата. Се очекува да биде закажана во вторник, веднаш по Велигденските празници, а да биде поднесена во сабота, за да има растојание од три дена, како што бара Деловникот. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ, кои бојкотираат четири месеци, најавија дека прва тема на која ќе се вклучат во Собранието ќе биде прашањето за доверба на Владата. Потоа, наредната недела, пред европскиот извештај, треба да се донесат повеќе реформски закони, од кои некои бараат двотретинско мнозинство.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ