
Министерот Димитров упатил писмо со извинување до германскиот државјанин Калед Ел Масри
„Искрено извинување и безрезервно жалење“ стои во писмото кое македонскиот министер за надворешни Никола Димитров пред една недела му го испратил на Калед Ел Масри, германски државјани кој пред 13 години беше киднпаиран на македонска територија и предаден на американската ЦИА во таканаречената рендишн операција против осомничени за тероризам.
Германецот веќе еднаш ја победи Македонија, 2012-та во европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде беше донесена пресуда дека било нелегално постапувано со него и за тоа државата му плати 60 илјади евра отштета. Министерот Димитров му пишал на Масри дека во име на државата и жали и се извинува поради „несоодветното однесување на нашите власти“. Во писмото, првиот дипломат навел и дека како резултат на постапките на државата, Масри претрпел” неизмерно болно искуство и крајно сериозни физички и психолошки повреди “.
Цитатите од писмото на Димитров ги објави фондацијата Отворено општество, а од МНР потврди дека извинувањето е испратено и дека станува збор за обврска од пресудата на Стразбур со која е наложено и државата да му се извини на грабнатиот. Извинувањето на Македонија го поздравија меѓународната иницијатива за правда и американското здружение за граѓански слободи кои го затапуваат Масри пред американските судови.
Тие велат дека ова е само прв чекор во откривањето на целата приказна за Масри и за нелегалните операции на ЦИА. По нападите на 11-ти септември 2001-ва, американската ЦИА почна широка операција за откривање на терористи низ целиот свет. Поради замена на идентитет, Масри беше соомничен и фатен во Табановце во новогодишната ноќ 2003-та. Бил чуван во скопски хотел кај зоолошката градина и предаден на ЦИА истиот месец, по што бил однесен во Авганистан.
Откако ниту со мачење ниту со испрашување не било потврдено дека тој навистина е терорист, Масри е донесен во Албанија и пуштен. Македонија е првата земја која изгуби случај за ваквите акции на ЦИА.
Миомир Серафиновиќ