Светска Банка: Видливи реформи во областа на родова еднаквост, но потребно е повеќе

Жените во Македонија немаат никакви потешкотии за пристап до институциите и системите, можат да фигурираат како сопственици на бизниси како и легално да потпишуваат секаков вид на договори, се вели извештајот „Жени, бизнис и закони 2018“ на Светската банка.

Иако законски е регулирано, во Македонија не е секаде обезбедено платено отсуство од работа за мајките со новороденче. Со тоа е загрозена и флексибилноста на нивното работно место. Проблем е и нееднаквата возраст за пензионирање кај мажите и кај жените.

Особено загрижува тоа што во извештајот, за Македонија е наведено дека кога станува збор за заштита на жените од насилство или сексуално вознемирување на работното место – не се предвидени казни за сторителите. Во регионот, на полето на заштита на жените од насилство, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина беспрекорно ги спровеле реформите во изминатите две години, со бројни законски регулативи и предвидени санкции.

Во земјите од регионот, Хрватска е најблиску и до највисока оцена за спроведени реформи во делот за еднакви права на мажите и жените на работните места.

 „Економиите во Европа и во централноазискиот регион генерално не прават разлика помеѓу мажите и жените во многу области опфатени со извештајот. Но, недостигот на адекватна заштита против семејно насилство или сексуално вознемирување на работа, може да може да ја намали можноста за заработка на жените и да го ограничи нивното учество на пазарот на труд“, кажа Рита Рамаљо  –  висок менаџер на глобалната групација на индикатори на Светската банка.

Во светски рамки, најголем напредок во имплементирање на голем број економски реформи во последните две години постигнале држави од Африка и од Блискиот Исток, споредено со оние држави каде е постојана и одржлива високата стапка на економски развој.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ