
Мицкоски единствен кандидат за наследник на Груевски
Христијан Мицковски, генералниот секретар на ВМРО- ДПМНЕ, е единствен кандидат за нов претседател на партијата на вонредниот конгрес што ќе се одржи денеска и утре во Валандово.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека членовите на Централниот комитет на вчерашната седница биле информирани дека согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ доставил целосна документација до партиската правна комисија. Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не била доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата. Неофицијално, станува збор за извесен Благој Митров.
Претходно, на седница на Извршниот комитет во средата, не беше прифатена иницијативата на Илија Димовски, Антонио Милошоски и други 50-тина партиски функционери Конгресот да биде одложен за февруари и за колективно претседателство. Конгрес за избор на лидер со само еден кандидат не е позитивно за партијата – порача Илија Димовски. Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да почне да прифаќа различни мислења.