
Заев: Не може за плата од 10.000 денари и 10.000 евра да се плаќа ист данок
Не треба да се плашиме од ниту една реформа што ќе биде исцрпена со дебата. Персоналниот данок на доход е владина програма, а тоа значи дека ќе се спроведе, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавеното прогресивно оданочување.
Владата, нагласи Заев, сака правично и фер општество. Не може некој што има плата 10.000 денари да плаќа ист данок со некој што зема 10.000 евра.
– Ние не сме слепи имплементатори на нешто што сме ветиле и ни стои во некој документ. Целта е да се постигнат ефекти и бенефит за сите. Затоа, преку дебата ќе ја одредиме границата на другата стапка што ќе биде воведена, рече Заев.
Во дебатата, нагласи, треба да се вклучат бизнис заедницата, младите како и здруженијата на потрошувачите.
– Не ги брзаме работите. Отвораме дебата која треба да доведе до најисправно решение. Да оставиме луѓето да се изјаснат, институциите да изнесат аргументи. Ние сме левичари и веруваме во праведно оданочување, подвлече премиерот.