
Беса останува на Билал Касами
Беса останува на Билал Касами, додека крилото на Африм Гаши ќе треба да формира нова политичка партија, тврдат приврзаниците на Касами по одржаното судско рочиште. Конечната одлуката судот ќе ја донесе за три дена вели портпаролот Даим Лучи.
Со ова се разрешува тримесечната криза и функционирањето на двајца претседатели под превезот на Беса.Судот утврдил дека Африм Гаши не ја почитувал постапката на дејствување со документацијата и дека основачите на партијата не се тие кои ќе треба да одлучуваат за натамошниот правен тек на партијата. Од крилото на Гаши ги отфрлаат наводите дека судот ќе донесе одлука во корист на Касами. Денеска само беа сослушани двете страни и немаме никаква друга информација, вели Орхан Муртезани.
Превирањата во Беса започнаа по локалните избори кога членството се подели на две фракции. Се одржаа два конгреса, едниот на 18 февруари во Тетово, другиот на 24 февруари во Скопје. И Касами и Гаши тврдеа дека имаат легитимитет да бидат на чело на партијата и да бидат носители на името и печатот на Беса. И покрај поделеноста, пратеничката група остана компактна во Собранието. Касами остана со двајца пратеници а Гаши со тројца. Но, нема несогласувања меѓу нив. Кај петте пратеници постои расположение за коалицирање со владејачката партија и зголемување на парламентарното мнозинство, за што потврда даде и премиерот Заев.
Јулијана Пешевска