Народен правобранител: Нема подобрување на човековите права

Нема подобрување на човековите права во изминатата година, вели народниот правобранител Мeмети. Годишниот извештај покажува дека некои од областите се исти како и порано, некои се полоши, а само кај мал дел има напредок. Правосудството и натаму е област во која граѓанитe најмногу се жалат, а предметното работење покажува дека судовите повеќе време трошеле на комплетирање на предметите отколку на нивно ефикасно решавање.

Се попречува работата на народниот правобранител во релизирање на новата надлежност да дејствува како пријател на судот, односно да учествува во сите фази на постапката со право да дава предлози и мислења.

Во извештајот стои дека јавното обвинителство не покажало сериозна намера за откривање и казнување на сторителите на кривични дела. По поднесени 5 барања за утврдување на казнена одговорност против полициски службеници за дела против слободите и правата на граѓанинот, само во една пријава е покренато обвинение. Како констатација стои и дека минатата година полицијата непрофесионално постапувала применувајќи двојни аршини во работата, со што како што рече Мeмети потврдени се повеќегодишните укажувања за партизираност на овој орган.

Според Мeмети, јавната администрација е партизирана и непрофесионална, а партиските вработувања на локално ниво се и натаму присутни и особено видливи во непродолжувањето на договорите на определено време во образовниот процес. Неправилности се регистрирани и во работењето на извршителите, а голем број критики се упатени и  на сметка на УЈП. Оваа институција ги одбива барањата на граѓаните за враќање на наплатен даник во посебна даночна постапка за испитивање на имотот и имотната состојба со образложение дека е застарено правото.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ