
Џафери нема да потпише наместо Иванов
Се уште се прават анализи и се бара соодветно решение за Законот за јазиците. Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека нема намера да се потпише наместо претседателот Иванов, со што ја отфрла можноста законот да се испрати во Службен весник со два негови потписи.
„Нема да се впуштам во ставање потпис под туѓо име. Јас се потпишав како претседател на Собранието и веднаш го испратив законот кај Иванов. Негова уставна должност е да се потпише“, вели Џафери.
Џафери усно побарал средба со Иванов, но одговор – не добил. Вели дека иако Уставниот суд е чувар на уставноста, во овој случај нема да му се обрати.
„Нема основа да му се обратам на Уставниот суд бидејќи тука нема конфликт на надлежности. Претседателот како дел од Извршната власт нема право да се меша во Законодавната власт и да го попречува Собранието во носењето закони“, смета Џафери.
А во Владата мислат дека токму Уставниот суд треба да се произнесе по ова прашање. Премиерот Заев предупредува дека претседателот може да реши да не потпише и 30 закони и дека не смее да се дозволи таква блокада.
Пред две недели, парламентарното мнозинство по втор пат го донесе Законот за јазиците. Се уште не е влезен во сила бидејќи претседателот Иванов по втор пат одби да го потпише. Ја доби поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека законот е неуставен и неприменлив, додека власта бара друго решение наспроти неуставното однесување на претседателот.
Соња Николовска