
Шчербак: Русија адекватно ќе и одговори на Македонија за протерувањето на дипломатот
Големо жалење со најава за адекватен одговор и суптилна закана упати денеска рускиот амбасадор кон Македонија во својата прва изјава по одлуката на Македонија да протера руски дипломат од земјава. Амбасадорот Олег Шчербак рече дека протерувањето на дипломат е многу сериозен и непријателскии чин, по што ќе следи адекватен одговор. Шчербак притоа рече дека Русија никогаш не брза во носење одлуки, но оти одлуките и се секогаш адекватни.
„Нашата земја нема традиција да се брзаме во одлуките за нашите чекори. Во дипломатската пракса протерување на дипломат е многу сериозен и непријателски чекор. Ние со време ќе вратиме со наш одговор, но тој ќе биде адектватен и ќе биде многу добро промислен од сите страни“, изјави Шчербак.
Шчербак не прецизираше дали одговор ќе биде само политички или и економски. Подвлече дека претпоставката оти Скопје се решило да преземе ваков непријателски чекор кон Русија под влијание од надвор, на никој начин не ги ослободува македонските власти од негитивните последици поради тоа.
За информацијата дека рускиот дипломат, освен од солидарност кон Британија во координирана акција на над 20 држави, се протерува и поради документирани докази од македонска страна дека вршел шпионска дејност во земјава, одговори дека тоа го нема во официјалното соопштение од МНР и дека до амбасадата на Руската федерација не се доставени такви докази.
„Македонската страна не сакаше да ни обезбди докази и потврди дека дипломатот кој се протерува се занимаваше со одредени дејности кои излегуваат надвор од дипломатскиот статус и Виенската конвенција“, рече Шчербак.
Шчербак освен најавата за адекватен и промислен одговор од Русија на протерувањето на нејзин дипломат упати и суптилна закана кон Македонија во контекст на нејзината аспирација да стане членка на НАТО. Повторувајќи го официјалниот став на Москва дека членството на Македонија во Алијансата ќе ја загрози регионалната безбедност и односите со Русија, рече дека тоа истовремено ќе ја направи земјата легитимна цел на Москва во евентуална војна со НАТО.
„Вие како одговорни граѓани на својата земја терба да размислите и за тоа дека по зачленувањето на Македонија во НАТО земјата ќе стане член на воената машинерија на Алијансата и доколку се случи агресија на НАТО против Русија, ќе ја имате судбината на мета за возвратен удар. Дали тоа ви треба на вам и на вашите деца?“, рече Шчербак.
Тој одлуката за протерување ја нарече избрзана, кусогледа која се коси со декларираните официјални ставови на ставовите на Македонија за развој на конструктивни и взаемно добри односи со Русија.
Рускиот амбасадор денеска не пропушти да потсести дека Руската федерација е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и голем играч на меѓународната сцена.
Тамара Грнчароска