
Димитров и Коѕијас се подготвуваат за Виена
И Македонија и Грција сакаат достоинствено решение за спорот со името, кое ќе биде плод на компромис и на почитување на интересите на двете страни.
Ова го потенцираат официјалните претставници на двете земји непосредно пред новата рунда преговори за името, која треба да се одржи утре во Виена. Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас непосредно пред средбата со посредникот на ООН Метју Нимиц повторија дека сакаат да се најде компромис и конечно да се реши спорот.
Сложено име со географска одредница, за севкупна употреба и промена на македонскиот Устав е позицијата на Грција. Македонската страна останува на ставот дека слеано име не е најдостоинственото решение, прашањето да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата.