
Коѕијас: Детето постои и се вика Македонија
Името не треба да има иредентистички елементи, треба да биде сложено со географска одредница, со придавка и да разграничува дека не станува збор за грчката Македонија, кажа шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во обраќањето на промоцијата на книгата „Македонското прашање“ на писателот Никос Мерѕос.
„Треба да најдеме сложено име што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни“, смета Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија осврнувајќи се на патриотизмот рече дека патриотизам не е да го негираш правото на другата страна да е горда на нејзината историја, „доколку е вистинска, а не фалсификувана“.
„Патриотизам за мене значи сложено име. Ова сложено име треба да важи за сите, бидејќи во преговорите во изминатите години имаше една забуна, дали треба да важи само за меѓународни организација, дали треба да важи за меѓудржавни односи, а ова многумина го нарекуваат ерга омнес. Но, вистинското ерга омнес е да важи за сите и за сите односи, односно и за внатрешноста. Да важи и да биде изразено со меѓународниот договор што ќе го потпишеме во ОН и со промените што треба да се направат во нивниот Устав“, рече Коѕијас.
На два дена пред новата рунда разговори во Виена со посредство на медијаторот Метју Нимиц, шефот на македонската дипломатија во интервју за Телма, Димитров појасни што за македонската страна значи сложено име.
„Суштината на компромисот, доколку е можен, е на два столба. Едниот е Македонците мора да бидат Македонци што го зборуваат македонскиот јазик, бидејќи стравот од конкретизирање со одредница на името ’Македонија’ ќе биде невозможно да се покрие. Тој страв мора да биде покриен соодветно за воопшто да може ние да се отвориме за географска одредница. И тоа што јавно го соопштивме географската одредница е врзано со ова, не е безусловено. Исто така таа географска одреница не може да биде недостинствено. Практично го нема нашето во слеано име. Ниту пак слеано е сложено име“, изјави Димитров.
Во својот подолг говор пред грчките дипломати и поранешни министри за надворешни, Коѕијас превејќи една историска ретроспектива на спорот, употреби нешто помека реторика од вообичаеното.
„Не е правилно да велиме дека сега ќе го дадеме името Македонија. Не одиме на крштевка. Детето постои и се вика Македонија, самите си се нарекуваат така барем еден век. И како Македонија постојат како дел од политички ентитет во разни облици пред 70 години, рече Коѕијас, споменувајќи го фактот дека во 1977 година македонскиот јазик, без Грција да реагира, бил признат од ОН“.
Што се однесува до промената на Уставот, Коѕијас пак, рече дека е неопходна не само бидејќи тоа е грчко барање и гаранција за Атина, туку е неопходна и за внатрешни гаранции и за некоја идна влада, затоа што „следниот Груевски 2“ ќе излезе со обвинувања.
Коѕијас и Димитров во петок се среќаат во Виена со своите нацрт договори пред медијаторот. Ако во зачестеноста на средбите, лежи оптимизмот, како што изјави Димитров, не е нереално од Виена да очекуваме позитивно поместување во решавањето на спорот.
Ивор Мицковски