
Едногласна поддршка за судски реформи во Комисијата за политички систем
За непочитување на автоматскиот систем за управување и распределување на предметите, на претседателот на судот му се заканува разрешување. Министерството за правда, во соработка со експерти, ќе врши редовен годишен надзор во сите судови. Ова е само дел од новините во Законот за судови, кој доби едногласна поддршка од Комисијата за политички систем. Дел од пратениците изразија сомневање дека во постапката за донесување судски деловник, се мешаат судската и извршната власт.
Сашко Костов побара од Судскиот совет сосема да се изземат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, за да се исклучи било какво нивно влијание. Тој предложи и задолжително поведување постапка, доколку Собранието не го усвои годишниот извештај на Судскиот совет, како што беше случај пред неколку месеци. Така, вели тој, ќе се избегне досегашното искуство.
Од Министерството за правда велат дека законите се усогласени со опозицијата во работните групи. Очекуваат ВМРО-ДПМНЕ, која и денеска не присуствуваше на комисијата, наредната недела да се вклучи во работата на Собранието и да гласа за законот за судови, за кој е потребно дво-третинско мнозинство.
Соња Николовска