
ОЛАФ открила измами во истрагата за Актор
Истрага за Актор на Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ открила незаконитости на фирмите што го градат автопатот, одговорија од ОАЛФ за Телма, но конкретно какви измами разоткриле не коментираат со образложение дека во Македонија и Грција се водат истраги на национално ниво.
„ОЛАФ спроведе истрага во врска со Актор и другите економски оператори вклучени во градежниот проект Коридор 10, кој беше завршена во септември 2016. Истрагата откри сомненија за измама и нерегуларности и судска препорака беше испратена до националните обвинителства, вклучувајќи го и Главниот јавен обвинител на ПЈРМ и грчкиот антикорупциски обвинител. Истрагите се во тек на национално ниво и ние не можеме дополнително да коментираме“, велат од канцеларијата.
Извештајот на ОЛАФ го добиле и од СЈО потврдија за Телма минатата недела и како што рекоа содржината е на иста линија со нивните сомнежи во истрагата.
Според неофицијалните информации поврзани со истрагата следен чекор треба да биде обезбедување, односно замрзнување на имот.
Државното обвинителство долго време водеше предистрага за Актор а од неодамна предметот го презема СЈО и од минатата недела и официјално отвори истрага според која милиони евра се испрале преку Актор и 3 фирми подизведувачи на автопатот, така што на вработените кои биле грчки државјани им се исплаќале и по до 12 илјади евра месечно, суми кои ги ваделе од банка во Неготино и ги давале на вработена во Актор.
Летоска и грчкото обвинителство отвори предмет за Актор, за парење пари и измама тешки 50 милиони евра за истиот автопат.
Елена Ивановска Мукоска