На 600 илјади граѓани минатата година им е побаран поткуп

На  околу 600 илјади граѓани минатата година им е побаран поткуп, а 520 илјади и го дале, покажува истражувањето на МЦМС. Ова упатува на заклучок дека се извршени минимум половина милион кривични дела од областа на корупцијата, а казнети се само незначителен дел од извршителите, што според истражувачите, е загрижувачко.

Анкетата покажала дека расте и коруптивниот притисок од страна на службениците. Годинава 36,3 проценти од анкетираните  потврдиле дека им бил побаран поткуп, што е 5,8 проценти повеќе, споредено со 2016-та година и 10 проценти повеќе од 2014-та. Но, заедно со овој раст, расте и револтот кај граѓаните.

Сепак, граѓаните не се оптимисти за искоренување на корупцијата. Секој петти смета дека таа не може да биде намалена, а за половината, особено за младите лица, тоа е прифатлив начин на однесување. За најкорумпирани ги сметаат службениците и судиите и обвинителите. Веднаш зад нив се пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и градоначалниците. Од институциите, граѓаните на прво место повторно ги ставаат судовите, а на второ Министерството за здравство и здравствените установи. За Државната комисија за спречување на корупцијата сметаат дека го штити поеднинечниот, а не јавниот интерес и дека работата не си ја врши ефективно.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ