
Чавков и уште четворица обвинети повторно во притвор
Од утрово во притвор се вратени eкс директорот на БЈБ и носител на златната команда во штабот Митко Чавков, како и Горан Ѓошевски, од парламентарното обезбедување, потоа Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР, како и Мумир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање. Така одлучи Kривичниот суд откако обвинителството го достави обвинението за настаните од 27 ми април.
Претходно тие беа во притвор но откако Врховниот суд ги прифати нивните жалби добија куќен притвор и во понеделникот вечер се вратија дома. Од утрово се во затворот во Шутка и според информации на Телма започнале штрајк со глад. За пратениците Крсто Микоски и Сашо Василевски Кривичниот суд потврди дека остануваат во домашен притвор исто како што им одреди и Врховниот суд, иако тие претходно се наоѓаа во затворот во Шутка. За адвокатите на припадниците на МВР за кој единствено сега е изречена мерката притвор ова е селективна правда, со која кривичниот суд се става над врховниот.
Од обвинителството велат дека ова е нова постапка, по поднесување на обвиненеие и за тоа за 16-мина обвинети барале притвор, за 12 куќен притвор а за двајца Игор Дурловски и Јохан Тарчуловски гаранции. Во меѓувреме порталот судство го објави целосното обвинение во кое во еден дел се вели:
„Од телефонски број сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Влада на РМ, НН лице од обезбедувањето на Никола Груевски, во тоа време лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а кои се наоѓале во Виена, Австрија во 14 часот и 30 минути контактирал со обвинетиот Александар Василевски – Нинџа сега недостапен на органите на прогон кој по тоа заедно со обвинетиот Никола Митревски – Кољо исто така недостапен телефонски ги контактирале обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски Дешо го мобилизирале членството од други градови за насилен упад во Собранието однапред знаејќи дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили.“
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа на притворите за петтемина припадници на МВР, но не сакаат да ги коментираат информациите дека од телефон во Австрија каде на 27 април беше и поранешниот лидер на партијата, е комуницирано со дел од обвинетите за крвавиот четврток.
Инаку во обвинението се опфатени 30 мина меѓу кои не се четворицата кои ги делеле фантомките. Првите петмина се пратениците, по нив следуваат вработените во МВР и во Собранието, а по нив се организаторите на протестите и членовите на патриотските здруженија.
Билјана Николовска