Обвинение за 27 април, се планирало убиство на Зоран Заев

Обвинителството за организиран криминал има 30 обвинети од вкупно 35-мина осомничени за крвавиот четврток. Од нив 28 се за терористичко загрозување на уставниот поредок, додека двајца за помагање оти ги земале хард дисковите на кои биле снимени настаните во Собранието. Четворица кои се недостапни за сега обвинителството не ги гони, а за пратеничката Жаклина Пешевска која првично беше осомничена, обвинителството немало докази, па ја ослободи од обвинение. Во обвинението остануваат петтемина пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љубчо Димовски, Љубен Арнаудов.

Обвинителството презентирајќи го обвинението направи еден вид реконструкција во која тврди дека меѓу обвинетите е човек, кој на 27 април во 14 часот и 30 минути преку телефон, бил известен да ја започне акцијата. Регрутирал десетмина од здруженија на граѓани од повеќе градови кои организирале поголема група луѓе, им поделиле фантомки и во 19 часот се упатиле кон Собранието. Организатроите од „За заедничка Македонија“ кои исто така се обвинети, со потпалувачки говори ја разгореле толпата. Еден од пратениците се јавил на обвинет од толпата и координирал кога петтемина пратеници и тројца од обезбедувањето на Собранието ќе ги отворат вратите. Но обвинителството не открива кој бил тој пратеник.

Обвинителството ги гони раководителите на златната и сребрената команда во штабот кои не издале наредба полицијата да делува, ниту пак испратиле засилување од специјалните единици. По ова толпата и во која се дел од обвинетите, се упатила кон прес салата и започнала со што ќе стигне да удира по пратениците. Според обвинителството цел за ликвидирање бил пратеникот Зоран Заев.

Инаку вчера Врховниот суд ги пушти во домашен притвор обвинетите Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски. Дел од организаторите се исто така во домашен притвор или пак за нив има мерки на претпазливост, додека во притвор останаа членовите на патриотските здруженија. Обвинителството најави дека се уште се работи на случајот и можно е да има негово проширување. Денеска го поднесе обвинението по што се чека кривичниот суд да го прифати или отфрли.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ